Во Музејот на македонската борба вечевра (16 октомври) во 20 часот со рецитал на соло песни ќе биде отворен фестивалот „Златна лира“. На рециталот настапуваат Михаило Арсенски – тенор и Дино Имери – пијано. Арсенски во пијано придружба на Дино Имери, рециталот ќе го посвети на соло песната, форма на која тој ѝ дава особен пиетет и успева да ја воздигне на највисоко уметничко ниво, изведувајќи композиции од Клод Дебиси, Рихард Штраус, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и Томислав Зографски. Тенорот Арсенски (Скопје, 1971), е член е на Оперското студио на Париската национална опера (1998-2001). Арсенски е првиот претставник на Македонија на престижниот пејачки натпревар: BBC- The Cardiff Singer of the World во 2001 година. Низ Франција и Швајцарија остварува повеќе водечки улоги од италијанскиот и францускиот романтичен оперски репертоар. Од 2018 година е Доцент е по вокално пеење на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Минстер, Германија. Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ – Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет и други ансамбли. Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на Популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie. Имери е застапен на бројни изданија за престижни дискографски куќи, а бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Влезот на концертот е слободен. |