Во Националната опера и балет вечер (10 април), во 20:00 часот, ќе се одржи традиционалниот Велигденски концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.
– Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и годинава ја започнува концертната сезона со традиционалниот Велигденски концерт. Овојпат, настанот носи една посебност, а тоа е програмата посветена на музичките партитури од кореографскиот опус на прерано починатиот првенец на „Танец“, Милан Завков – информираат од „Танец“.
На репертоарот ќе бидат кореографиите „Беломорски бисер“, „На мегдан“ и „Охридски игри“, кои маестро Завков ги создаде заедно со својот долгогодишен колега од „Танец“, игроорецот и кореограф Симеон Чулев, како и кореографијата „Копачија“, заедничка творба на маестро Завков со кореографот Дојчин (Стојче) Каранфилов.
„На концертот ќе бидат изведени и повеќе вокално-инструментални точки, што заедно со кореографиите соодветно ќе нѐ потсетат на повеќегодишниот придонес на Завков во музичкиот репертоарен растеж на Ансамблот „Танец“, од позиција на автор, аранжер, инструменталист и долгогодишен раководител на оркестарот“, најавуваат од „Танец“.