По долго боледување, вчера (20 март 2023 година) во својот дом во Лос Анџелес, (САД), почина актерот Димче Мешковски.
Доајенот на македонското глумиште, Димче Мешковски, беше вработен во Драмскиот театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година.
Во творечката биографија на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6 000 изведби. Има широк дијапозан на улоги од секаков жанр, но особено блиска му беше комедијата и остави траен белег со своите изведби во: „Сомнително лице“, „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“, „Болва во уво“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“. За улогата на Тасе во „Викенд на мртовци“, Димче Мешковски ја доби „Наградата за актерско остварување“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Добитник е и на „Наградата за животно дело“ на Фестивалот.
Популарниот Мешко беше омилен и по улогите на телевизија, на филм, во радиодрамите, во забавните и хумористичните емисии, меѓу кои „Хихирику“ на Иван Карадак, како и во телевизиските серии и во емисиите за деца: „Да видам, да видам што да бидам“, „Тринаесеттиот клуч“, „Семафорот“, „Бајки“, „Училиште за кловнови“, „Големи и мали“, „Наши години“, „Пат кон иднината“, „Илинден“, „Смилевски конгрес“, „Прличев“. Мешковски снимил и голем број народни приказни од овој популарен телевизиски формат.
Димче Мешковски има огромен придонес во развојот на синхронизацијата на македонски јазик со што стана миленик на детската публика како неповторлив интерпретатор на детските јунаци Попај, Штрумфови, Нинџа-желки и многу други.
Комеморацијата актерот Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмски театар- Скопје, на 28 март 2023 година, со почеток во 12 часот.