Во киното „Фросина“ во МКЦ вечер (1 март) во 20 часот ќе се одржи промоцијата на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски, во издание на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“. Промоторка ќе биде писателката Фросина Пармаковска, која низ разговор со авторот ќе им ја претстави и ќе им ја доближи книгата на читателите.
– Романот „Писмо за Глорија“ е автофикциски обид за преобмислување и сублимирање на фрагментираното минато што се води од еден, навистина, благороден стремеж – испишување на реалноста што, честопати, може да биде необична и себеиспишување што, секогаш, мора да биде комплексно и трауматично. Може ли тоа да значи зацелување, соочување со траумата и нејзино надминување? Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни ги отвора низ бескрајните предели на убавата литература – вели Пармаковска во освртот кон романот.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, ИЛИ-ИЛИ, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, Антолог, 2018) јазик. Преведува и препејува од и на италијански јазик.