ОТВОРЕН ПОВИК НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА НАГРАДАТА ЗА НОВИОТ ЕВРОПСКИ БАУХАУС ЗА 2023 ГОДИНА

од admin_kult

„Нов европски Баухаус“ претставува отворена покана од Европската Унија за учество во градење заедничка иднина, која преку интерсекторскиот пристап, вклучувајќи ја и уметноста, ќе обезбеди одржлив урбан, економски и социјален развој во хармонија со природата и заштитата на животната средина. Иницијативата, која почна да се спроведува кон крајот на 2020 година како еколошки, економски и културен проект чија цел е заедничко дизајнирање на поатрактивни, одржливи и инклузивни модели и начини на соживот, е поврзана со спроведувањето на Зелената агенда на Европската Унија и нејзината визија за понатамошниот европски развој.

Трите основни вредности на оваа иницијатива се: одржливост, естетика и инклузија.

Со иницијативата управува Европската Унија преку своите програмски и финансиски инструменти кои го вклучуваат „Новиот европски Баухаус“ како контекстуален елемент и/или приоритет во повиците на програмите на Унијата.

Наедно, Европската комисија на годишно ниво објавува повик за доделување „Награда за Нов европски Баухаус“.

Во тек е повикот за „Наградата за Нов европски Баухаус“ за 2023 година, со краен рок за поднесување на апликациите 31 јануари 2023 година (до 19 часот по средноевропско време), на кој за прв пат може да се пријават и апликанти од земјите на Западен Балкан.

Наградите за 2023 година опфаќаат четири  тематски категории:  

• Повторно поврзување со природата

• Обновување на чувството на припадност

•  Давање приоритет на местата и луѓето на кои тоа им е најпотребно

• Потреба од долгорочно размислување за животниот циклус во индустрискиот екосистем.

Повикот предвидува 15 парични награди (15 000 или 30 000 евра), од кои дванаесет  ќе бидат доделени од стручно жири, а три награди ќе бидат доделени со отворено јавно гласање.

Повеќе информации за повикот и за начинот на аплицирање може да најдете на следниов линк:

https://prizes.new-european-bauhaus.eu/home

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе