Со цел да се зачуваат делата на македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица, кој оваа година наполни 90 години, поставена е интернет-платформа на која се сместени негови дела во дигитална форма.
Идејата на авторот на овој проект, Андреј Блажевски, е евидентирање и трајно зачувување на материјалните партитури во дигитален формат, што е направено преку процесот „фотодигитализација“, со цел тие да бидат трајно зачувани, а со тоа и да се отстрани ризикот од нивното евентуално губење, или самоуништување, што подразбира распаѓање на самиот материјал на којшто се напишани, а тоа е хартијата.
– Со изработка на специјалната архива за самиот композитор, како и поставување на неговите дела на онлајн архивата, тие стануваат достапни за музичката, научната и пошироката јавност, а верувам дека тоа ќе придонесе и за подигање и јакнење на музичката култура кај нас. Во првата фаза на проектот, која се одвиваше од 2019 до 2021 година, беа комплетирани и документирани сите дела на композиторот, коишто можеа да се пронајдат во неговата лична архива. Во овој период беа дигитализирани и јавно објавени на онлајн архивот ISSUU вкупно 154 дела, коишто припаѓаат на неговото „класично“ творештво – наведува авторот на проектот.
Во втората фаза, која е реализирана во периодот 2021 – 2022 година, дигитализирани се 225 дела, насочени кон вокалното творештво на Бранѓолица, композиции од областа на популарните жанрови и композиции за Биг-бенд оркестарот.
– Секој дигитализиран документ беше подложен кон понатамошна дигитална обработка. За одредени дела, кои беа пронајдени во лоша физичка состојба, беа употребени дополнителни фотодигитални техники со цел отчитување на нотографскиот материјал од самиот материјал – партитура. Севкупниот дигитализиран материјал е предаден на Сојузот на композиторите на Македонија, МАНУ и на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје – вели авторот Блажевски.
Од проектот произлезе каталог со список на дела на композиторот Љубомир Бранѓолица, групирани во категории, во зависност од инструменталниот состав (инструментариум) за кои се наменети.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.