Културното наследство на Лазар Личеноски беше темата на првата дебата од серијалот „#Culture Talks“, што ја организираше денеска „Европската куќа“ во Скопје (Europe House) по повод својот трет роденден.
Целта на дискусијата, на која беа гости и амбасадори на неколку европски земји, како и членови на семејството Личеноски, е подигнување на свеста за важноста на зачувувањето на Куќата музеј на Лазар Личеноски, како и на целокупното наследство. По примерот на светските музеи од овој тип, легатот на семејството Личеноски, секако, е во приоритетите за заштита во земјава и е поттик за вклучување на европските практики во чувањето и заштитата на националните вредности на втемелувачите на македонската современа уметност.
На настанот се обратија амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија; Оливера Ливриниќ од Министерството за култура, како и Ема Петрова-Николовска, советник конзерватор на штафелајно сликарство во Националниот конзерваторски центар.
Амбасадорот Дејвид Гир потсети дека во текот на ноември „Европската куќа“, во партнерство со Националната галерија, организираше низа активности поврзани со Куќата музеј на Лазар Личеноски.
Амбасадорот Гир напомна дека Куќата музеј на Лазар Личеноски треба да стане споменик за еден уметник, споменик за националниот идентитет, но и живо место кое може да инспирира многу луѓе. Тој, во своето обраќање, го истакна придонесот и на Вјоса Бериша, прерано починатата директорка на „Европската куќа“, која, како што кажа, иако десет месеци била на таа работна позиција, остварила огромно влијание и дала голем придонес во поддршката на културните активности.
Амбасадорот додаде дека прославата на тригодишнината на „Европската куќа“ е момент заедно да погледнеме напред во иднината и за Северна Македонија и за Европската Унија.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, упати искрени честитки за третиот роденден на „Европската куќа“ во Скопје и изрази благодарност за сите инвентивни роденденски настани, кои се вистинско освежување за културната сцена на градов и на земјава.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека она што „Европската куќа“ го иницира за современо осветлување на Куќата на Личеноски е ветер во грб за заложбите и активностите што ги преземаме за зачувување на културното наследство во земјава, кое претставува неисцрпна ризница од движни, недвижни и нематеријални културни добра од различни периоди.
„Денешната дебата е огромна поддршка на владините политики во сферата на културното наследство, што, секако, е наша заедничка иднина. Од непроценлива важност за нас е интересот што го искажуваат Европската Унија и амбасадите во нашата земја за изнаоѓање нови модели за зачувување, грижа и давање нови перспективи за националното богатство во нашата земја“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
За значењето на Лазар Личеноски зборуваше директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, која кажа дека е ова голем момент и за неа и за националната установа со која раководи бидејќи се оддава почит кон еден од основоположниците на македонското современо сликарство.
Запознавајќи ги присутните со обемната уметничка биографија на Личеноски, голем амбасадор на нашата држава, Старова-Ќерими нагласи дека во неговите дела се јавува македонскиот бит и тие се класичен пример за создавање на националната уметност.
Старова-Ќерими ја претстави историјата на Куќата на Личеноски, која со одлука на Владата е во владение на Националната галерија и, како што рече, од големо значење е ова културно наследство да стане достапно за сите генерации на оваа земја.
Стручниот дел и активностите што ги презема Министерството за култура за заштита, санација и адаптација на Спомен-куќата на Лазар Личеноски, пред присутните ги презентираше Оливера Ливриниќ, раководител на Секторот за заштита на културното наследство во Министерството за култура.
Ливриниќ појасни дека проектите финансирани од Министерството за култура за заштита (конзервација, санација и адаптација) се однесуваат на два сегмента: недвижното и движното културно наследство на Лазар Личеноски. За сиве овие активности од 2016 година до денес, Министерството за култура обезбеди финансиски средства со вкупна сума од 77 027 евра.
За комплексноста на реализацијата на проектот зборуваше Ема Петрова-Николовска, советник конзерватор на штафелајно сликарство во Националниот конзерваторски центар. Таа ја истакна важноста на процесот на конзервацијата на 122 дела кои се во легатот на Личеноски. Петрова додаде дека е потребен многу сериозен тим и стручен кадар кој треба да работи на конзервацијата на делата кои, како што кажа, се во незавидна состојба.