Како дел од роденденската програма за одбележувањето на три години од отворањето на „Европска куќа Скопје“ (Europe House Skopje), денеска (9 ноември), од 12:00 до 14:00 часот, ќе биде отворена изложба во Спомен-куќата на Лазар Личеноски.
Со свеж пристап и различни уметнички творештва, студентите и професорите од Факултетот за ликовни уметности ќе ја изложат својата визија, интерпретирајќи ги ликот и делата на Личеноски.
„По покана на Europe House Skopje и соработка со Националната галерија, во Спомен-куќата на Личеноски сметавме дека не е соодветно да изложиме студентски дела кои се изработени на друга тематика и со друга мисла, а ѕидовите на интимните простории на Лазар и Зоја Личеновски да ги користиме како ѕидови на кој било галериски/музејски простор. Затоа одлучивме оваа изложба да се состои од дела кои се создадени и инспирирани од личноста и творештвото на Личеноски, од куќата и просторот, но и од односот кон културата и културното наследство. Како што Личеноски со своето дејствување, творештво, талент и енергичност остава трајно и непроценливо сведоштво, мисла, културно и ликовно-уметничко наследство, така и овие млади креативци, се надеваме идни ликовни/визуелни творци, имаат потреба да бидат автентични и забележани“, вели проф. д-р Славица Јанешлиева од ФЛУ при УКИМ во Скопје.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на ноември. Од НГМ информираат дека наскоро ќе бидат објавени дополнителни датуми за посета.
Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, вели дека како домаќини на активностите по повод третиот роденден на „Европска куќа Скопје“ (Europe House Skopje), под мотото „Think Forward – затоа што културата е важна“, омаж на културното наследство на Лазар Личеноски, се особено почестени со изборот и идејата за промоција на културното наследство.
– Бидејќи темата на Европската Унија за 2023 е „Европска година на вештини“, изборот на Личеноски како автор и мозаикот „Апотеоза на трудот“ претставуваат глорификација на трудот (професиите), вештините.
Намерата на Европската делегација, со особено залагање на амбасадорот Дејвид Гир, е да даде поддршка во напорите за валоризација и реконструкција на ова особено културно наследство, Спомен-куќата на Лазар Личеноски – додава Старова-Ќерими.
Таа потсетува дека во изминативе години Министерството за култура финансираше изработка на обемен број проектни програми. Изработен е „Елаборат за валоризација на Спомен-куќата на Лазар Личеноски“ од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје. Стручниот тим за изработката на елаборатот беше во состав: Томовски Лабин, дипломиран историчар на уметноста, конзерватор советник; Таневска Анета, виш конзерватор; Ристов Јован, дипломиран правник, конзерватор советник. Во 2016 година е изготвен Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на куќата на Лазар Личеноски, фаза архитектура со конзерваторско-реставрациски интервенции, статика-конструкции, водовод и канализација, електрика и противпожарна заштита. Врз основа на Одобрение од Управата за заштита на културното наследство, во 2020 година започна реализацијата на проектот за спомен-куќата. Во текот на 2020 година започна и во 2021 г. е завршена фазата водовод и канализација и дел од фазата електрика, која е во завршна фаза во 2022.
Во тек е изработка на Анекс на проектот, со претходно направени геотехнички истражувања за поставување дренажен систем околу објектот поради појава на влага од атмосферски/подземни води, како и санација на влезниот скалиштен дел на објектот, кој е деградиран.
Покрај архитектонскиот проект, кој кореспондира на недвижното културно добро, изработени се проектни програми и конзерваторско проектирање на движното културно наследство. Движното културно наследство е колекција од повеќе збирки: Збирка на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели), Збирка на 37 мозаици и 5 зграфити, Етнолошко-музејска збирка со обемен етнолошки материјал и Библиотечна збирка. Во февруари 2022 година, според предвидената програма на Националната галерија за 2021 г., комплетно е завршена конзервацијата и реставрацијата на збирката мозаици. Во тек е подготовка на проектот за конзервација и реставрација на 122 ликовни дела, дел од колекцијата на Музејот. За етнолошката и библиотечната збирка се направени истражувања, методолошка класификација, внесени и евидентирани, следуваат конзерваторски елаборати.
Старова-Ќерими нагласува дека во напорите да се обезбедат средства за еден ваков исклучително обемен и значаен проект, Националната галерија во изминатите години во повеќе наврати правеше обиди за обезбедување вонбуџетски средства за конзерваторските работи на движното културно наследство.