Во македонскиот КИЦ во Загреб, како што информира директорката Наталија Поповска, се одвива интензивна есенска програма која започна со проектот „Филигран: синергија на традицијата и современоста“ на Билјана Клекачкоска – уметница за изработка на накит со 26-годишно искуство. Признаена e како авангардна уметница во областа на дизајнот и изработката на накит, пионер на новиот бран на ревитализација и реинвенција на традиционалната филигранска уметност. Оваа година магистрираше на Универзитетот во Трир, на катедрата за накит и скапоцени камења „Идар-Оберштајн“.
На оваа изложба таа го претстави филигранот како дел од македонското нематеријално и материјално живо културно наследство и ја потенцираше неговата современа апликација и реконтекстуализација. Покрај изработките, изложбата беше збогатена со фотографии, дело на самата уметница.
Во средината на септември во македонскиот КИЦ во Загреб се реализираше мултимедијалната изложба „Раселени“ на Тања Балаќ, на која беа изложени 15 дела од најновиот циклус на уметницата. За време на изложбата беше прикажан и краткиот експериментален филм „Заглавени заедно“, кој e неколкупати наградуван на меѓународни фестивали. Авторката се занимава со глобалните теми за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу „мејнстрим“ медиуми.
Отворањето на изложбата беше збогатено и со промовирање на монографијата за нејзиното триесетгодишно творештво. На изложбата и на промоцијата, која привлече голем интерес кај јавноста и во медиумите и на која присуствуваше амбасадорот Милаим Фетаи, говореше реномираната историчарка на уметност и ликовна критичарка, Бранка Хлевњак.
Пред претстојните есенски настани што следуваат во КИЦ на РС Македонија во Загреб, се навраќаме на настаните кои изминаа во летниот период.
Во август се реализираше изложбата „Самоспознавање“ од Слободан Милошески. Изложбата е составена од 10 скулпторски дела со галериски формат, создадени во последните две години од инокс, кои беа првпат изложени токму КИЦ-от во Загреб.
Во јули, во рамките на 41. издание на Фестивалот „Вечери под Грич“, се одржа пијанистички рецитал на маестро Симон Трпчески. Концертот беше во атриумот на реномираната галерија „Кловичеви двори“. Овој проект е резултат на соработка на КИЦ на РС Македонија со КИЦ на Град Загреб и Фестивалот „Вечери под Грич“.
Кон крајот на јуни во КИЦ на РС Македонија во Загреб беше отворена смостојна изложба на академскиот сликар Решат Амети, со наслов „Пробив на светлината“, на која Амети се претстави со 30 дела. За поетиката на Амети зборуваше ликовната критичарка Ива Корблер.
Во јуни, во организација на македонскиот КИЦ во Загреб, во киносалата на Центарот се реализираше проектот „Млади и решителни – Краткиот метар на помладата генерација македонски филмски режисерки“. Беа прикажани: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Малина“ на Анастасија Лазарова Пилинг, „Ќе се вратат децата“ наАна Јакимска, „Северен пол“ наМарија Апчевска-Петровска и „Зелени ѕидови“ на Сандра Георгиевска.