Со доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на режисерката Илдико Ењеди и со проекција на хрватскиот филм „Чичко“ во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните улоги, вечер во 20 часот почнува седмото издание на МФФ „Киненова“.
Илдико Ењеди е една од најоригиналните авторки на денешницава. Со својот прв долгометражен филм од 1989 година – „Мојот 20 век“ – ја доби „Златната камера“ во Кан, во 2017 ја освои „Златната мечка“ во Берлин, а вечер македонската публика ќе има можност да ја запознае одблизу оваа авторка.
Во нејзина чест, в недела (9 октомври) во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Приказна на мојата сопруга“/The Story of My Wife, а в понеделник напладне во „Европската куќа“ (Europe House), Ењеди ќе одржи мастер-клас.
МФФ „Киненова“, под слоганот „Првиот остава трага“, ќе се одржува до 14 октомври во киното „Милениум“ и во Кинотеката, при што љубителите на филмската уметност ќе уживаат во актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи многубројни прашања во своите филмови кои се релевантни и на овие простори.
Осум филмови се дел од официјалната селекција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово.
Во рамките на фестивалски содржини се: „Режисерот во фокус“, австрискиот маг Михаел Ханеке чии први три филма му го трасираа патот до европскиот и светскиот врв, потоа изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој на домашните киноплатна ќе ни ја претстави тамошната актуелна кинематографија.