Во рамките на 43. издание на манифестацијата „Скопско лето“, во Сули ан вечер (25 јули) концерт ќе одржи етносоставот „Афион“ од Хрватска.
Станува збор за хрватско-македонски бенд кој свири музика од Западен Балкан, најчесто од своите татковини, што ја интерпретира на свој оригинален начин користејќи ги песните како основа за нивно компонирање и аранжирање.
Формиран во 2003 година во Загреб, Хрватска, бендот свирел повеќе од петстотини концерти во клубови и на големи фестивалски сцени во Хрватска и во Европа.
Членови на составот „Афион“ се: Лидија Докузовиќ – вокал; Данијел Маодуш – гитара; Александар Јовевски – кавал и тамбура; Јеспер Нордберг – контрабас; Ратко Даутовски – перкусии.