– Наградата за Тирана како „Европска младинска престолнина за 2022 година“, претставува нов пат за напредок за градот, за младите и за земјата. Тоа е нов начин на соработка, дизајнирање, стимулирање и зајакнување на градот, со и за младите – велат од Националниот младински конгрес на Албанија.
Тие по средбата со македонската министерка за култура Бисерa Костадиновска-Стојчевска, која учествува на Министерскиот состанок на Западен Балкан за промоција на Првата министерска платформа за култура, информираа дека оваа година е посветена на културата и младите и споделија искуства за она што го идентификуваат како предизвик, но во исто време како најскапоцениот наградувачки и инспиративен моментум, а тоа е посветеноста да изградат долгорочно наследство и да ја подобрат визијата за Тирана како град кој е инклузивен за сите млади.
– За спроведување на „EYC 2022“ во Тирана, Националниот младински конгрес на Албанија тесно соработува со Општина Тирана и со различни министерства и владини агенции. Ова е цврст пример дека соработката и структурираниот дијалог меѓу граѓанското општество и владините институции носи повеќе инвестиции во младински политики и програми, повеќе шеми за грантови за младински проекти, повеќе јавни простори за младите да се поврзат и да го достигнат својот потенцијал, како и повеќе синергии и мрежи – вели извршната директорка на Националниот младински конгрес на Албанија, Дафина Пеци.
– Подготвена сум на младите од Северна Македонија да им помогнам да се зајакнат во креирање на европските проекти и активно да учествуваат во Креативна Европа. Факт е дека културата и младите отсекогаш се во фокусот на агендата на нашето Министерство. Само така ќе покажеме цврст став за нашиот пат кон европското семејство и ќе вклучиме повеќе теми кои се од особено значење, а тоа се култура, образование, иновации – истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Тие заклучија дека институциите треба целосно да ги посветат своите капацитети и волја максимално и да ги зајакнат земјата и нејзините млади преку развој, напредок и напорна работа.
– Оваа година, повеќе од кога било, Тирана го става центарот на вниманието на младите. Младинската престолнина за 2022 година веќе ја започна годината со многу активности и настани насочени кон младите луѓе овозможувајќи им да се интегрираат колку што е можно повеќе во различни области од нивниот секојдневен живот. Тирана е одличен пример кој нуди многу можности за младинско ангажирање. Разновидната и автентична програма на „Tirana EYC 2022“ опфаќа широка област на теми што се однесуваат на младите, како: учество, култура, иновации, младински простори, европски идентитет, капацитет, различност и екоздравје. Активностите вклучуваат работилници, конференции, предавања, отворени форуми, улични забави, културни настани, флешмоб-настани, уметност и традиција – додаде генералната координаторка на „Tirana EYC 2022“, Национален младински конгрес на Албанија, Аспасјана Конго.