Министерката за култура Бисера Костадиновска –Стојчевска денеска и утре (23 и 24 мај), како член на државно-црковната делегација предводена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, престојува во Италијанската Република и Светиот Престол по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј.
Костадиновска- Стојчевска, во рамките на културната програма за чествување на манифестацијата „Денови на свети Кирил”, денеска (23 мај) во салата „Балдини” во Рим ќе присуствува и ќе има обраќање пред концертот на реномираниот тенор Благоја Нацоски, кој ќе настапи со пијанистот Алесандро Д`Агостини. На програмата се дела од :Стардела, Хендл, Хајдн, Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Благој Цанев… Ќе бидат изведени стихови од : Владо Малески, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.
Во рамките на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во киното „Тицијано” на 24 мај ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја” во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати” при МНР на Италија (АЦДМАЕ).
Костадиновска-Стојчевска како дел од државно-црковната делегација ќе присуствува на аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост, папата Франциск, а ќе положи и венец, пред спомен-плочата на македонски јазик. Државно-црковната делегација ќе ја посети базиликата „Сан Клементе”, каде што ќе се одржи молебен во чест на св.Кирил, со кој ќе чиноначалствуваат митрополитите г.Пимен и г.Јосиф.