Со театарската претстава „Пеликанот“ од Аугуст Стриндберг, во режија на Теодора Сиљаноска и во изведба на театарски уметници од Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, започна годишниот настан: „Балканот е срцето на Европа – Евроинтеграциите на Балканот меѓу реалноста и илузијата“.
На настанот, во организација на Академија балканика еуропеана (Academia Balkanica Europeana), со поддршка од Министерството за култура и во соработка со Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ од Скопје, со свои изведби и дела – фотографска изложба, филмски презентации, тетарски претстави и други културни и уметнички перформанси – ќе се претстават повеќе млади уметници од регионот.
Во рамките на манифестацијата, меѓу другото, ќе се реализираат: театарската изведба „Плеј Чехов“ на студентите од класата на проф. Дејан Пројковски, настап на младите музички уметници од класите на проф. Александар Трајковски и проф. Дарко Мариновски, мастер-клас по фотографија на проф. Елена Бојаџиева-Цветковска, како и мастер-клас по актерска игра од проф. Дејан Пројковски, а ќе се одржи и меѓународна онлајн конференција со наслов „Балканот е срцето на Европа – Академија балканика еуропеана – Евроинтеграциите на Балканот меѓу реалноста и илузијата“, на која ќе учествуваат повеќе значајни интелектуалци и творци од Македонија и од регионот.
Академија балканика еуропеана (www.ab-europeana.org) обединува повеќе значајни творци од областа на културата, науката и уметноста од десет балкански земји со цел да им овозможи на културната јавност и на младите луѓе од регионот да ги откријат темите и предизвиците на уметничкиот и културниот свет во својот оригинален контекст.