Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ денеска (19 април) во Националната опера и балет традиционално ќе го одржи Велигденскиот концерт.
На овој гала-концерт ќе биде изведена атрактивна игроорна и вокално-инструментална програма од различни региони на земјава, во кои се создавало македонското фолклорно богатство. Со учество на целиот ансамбл, на Концертот ќе може да се проследат кореографските постановки, како: „Малешевка“, „Сретсело“, „Копачија“ и други бисери од богатата вокално-инструментална ризница.
– Ова е ретка можност и жителите на главниот град да го видат културниот амбасадор „Танец“, кој е на прагот на особено динамична меѓународна сезона, која ќе започне во мај со гостувањето во Канада и во Америка – информираат од НУ „Танец“.
Во рамките на новата концертна сезона на „Танец“ – „Печат на времето“, беа изведени повеќе концерти низ земјава, и тоа во: Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и Кичево, како и во Скопје на јубилејното издание на фестивалот за македонско музичко творештво „Денови на македонска музика“.