На 81-годишна возраст почина реномираниот писател и академик Луан Старова. Телеграма со сочувство упати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која напиша дека академик Луан Старова беше еден исклучителен човек, маркантна личност која со својата целокупна општествена активност, посветеност и ангажман со години ја промовираше македонската култура на национално ниво но, и во меѓународни рамки.
Луан Старова беше раскошен раскажувач на балканските премрежиња, автор на романи што ги осветлуваат заплетите на интимно-семејните, регионалните и на универзалните човечки и историски драми. Тој ја создаде повеќеслојната и богата „Балканска сага“, составена од 17 романи, која ќе биде траен сведок за неговата писателска умешност и за неговиот хуманистички и космополитски дух.
Тој беше поет, есеист, преведувач, универзитетски професор, научник компаративист и поранешен дипломат. Беше член на МАНУ, на Медитеранската академија, на Европската академија и на Албанската академија на науките и уметностите. Во ДПМ членуваше од 1970 година.
Работел како новинар во Радио Скопје и во Македонската телевизија, а потоа како професор на Катедрата за романистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Во 1985 година Старова бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската Држава. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.
Добитник е на низа награди и признанија, како и највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“. Луан Старова создаде многубројни романи, а автор е и на поетски и есеистички книги, како и на неколку патеписи, а ги преведе и дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други.