Министерството за култура останува посветено на инклузијата на лицата со попреченост

од admin_kult

Ратификацијата на Договорот од Маракеш и донесувањето на Законот за авторското право и сродните права беа главна тема на работната средба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со советникот на Претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за здравствена заштита, образование и социјална заштита за лицата со попреченост и претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, Спасе Додевски, и со Лидија Крстевска-Дојчиновска, државен советник во Канцеларијата на Претседателот на Владата.

На средбата, на која присуствуваа и Афет Јашари и Славица Спировска-Ѓорѓиевска од Министерството за култура, стана збор и за потребата од усвојување на измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права, кои ќе овозможат имплементација на одредбите од Договорот од Маракеш.

Договорот од Маракеш е меѓународен правен инструмент усвоен во 2013 година на Дипломатската конференција во Маракеш, Мароко, од земјите членки на ВИПО (WIPO), кој им олеснува на лицата кои се слепи, кои имаат оштетен вид или на друг начин се оневозможени да користат печатени материјали, под одредени услови да можат да пристапат до делата заштитени со авторски права. Во согласност со Договорот,  договорните страни треба да воведат законски  ограничувања и исклучоци од правилата за користење на авторското право и сродните права со цел да се овозможи репродукција, дистрибуција и ставање на располагање на објавените дела во формати дизајнирани да бидат достапни за корисниците и да дозволат нивна прекугранична размена.

Министерката Костадиновска-Стојчевска, пак, нагласи дека Министерството за култура останува  посветено на инклузијата на лицата со попреченост, како и на подобрување на условите за пристап до установите од областа на културата.

Додевски ја истакна и важноста за подобрување на физичката пристапност до и во културните установи за лицата со попреченост, како и за обезбедување информации и дела во пристапен формат за нив.

Тие се согласија дека со заемно залагање на сите чинители во овој процес, ќе се придонесе за олеснување на достапноста на авторските дела за оваа категорија граѓани и за нивно целосно учество во културниот живот преку уживање во уметничките дела  и можноста да ги споделат придобивките од научниот напредок.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе