Понуда за идна соработка со балетскиот оддел при Националната опера и балет, како и балетска опрема денеска му врачи министерката за култура Ирена Стефоска на Анди Исмаили, кој на Светското првенство во модерен современ танц, во Варшава, Полска, ја освои титулата светски шампион. Младиот и талентиран гостиварец Исмаили, кој е член на танцовото студио „Idance“ од Гостивар, доби покана да учествува во некоја од балетските претстави што следнава сезона ќе бидат поставени на сцената на оваа национална установа.
Стефоска, честитајќи му го високото признание, го истакна значењето на едукацијата и институционалната поддршка на младите и талентирани уметници и важноста тие да бидат влучени во програмите на националните установи. Му пожела многу успех во неговата кариера како балетски уметник и уште многу награди на натпреварувањата низ светот.
Од името на Министерството за култура, министерката за култура му врачи на Исмаили и благодарница за придонес во промоцијата на македонската култура и модерниот танц во светски рамки. Таа додаде дека Министерството за култура и во иднина ќе демонстрира висока грижа за едукацијата и промоцијата на младите уметници.
На натпреварувањето во Полска, што се одржа во декември минатата година, Исмаили стана светски шампион во конкуренција на над 2 000 учесници од 22 земји во светот, меѓу кои: Германија, Турција, Србија, Норвешка, Русија и други, а со вакво високо признание се закити и во 2019 година.