„Живи наследства“ е насловена годишната публикација што ја објави Регионалниот центар за заштита на нематеријалното културно наследство под покровителство на УНЕСКО со седиште во Софија, Бугарија.
Во публикацијата, која е посветена на 75-годишниот јубилеј на УНЕСКО, се презентирани искуствата и успешните политики на Националните комисии на УНЕСКО во регионот и пошироко, а се претставени и учествата на значајни меѓународни форуми, изложби и други активности со кои се афирмира разновидноста на културното наследство.
Националната комисија на Република Северна Македонија во УНЕСКО, во ова реномирано издание е претставена преку интервју со етномузикологот и член на ова национално тело, м-р Бранка Костиќ-Марковиќ. Во интервјуто, таа дава осврт на историјатот и програмските содржини на Комисијата, предизвиците, како и важноста на активностите во заштитата на културното наследство како клучен фактор во едукацијата на младите генерации.
Публикацијата „Живи наследства“ е достапна на веб-страната на Регионалниот центар за заштита на нематеријалното културно наследство со седиште во Софија, Бугарија.