В недела (14 ноември) ќе бидат изведени два перформанса од колективот „Лигна“ од Хамбург, Германија. Настаните се продуцирани од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“, со поддршка од Гете-институтот Скопје, а се одржуваат во рамките на 16. издание на Фестивалот за современи уметности „АКТО“.
Имено, пред Порта Македонија во 12 часот ќе биде изведен јавен перформативен настан произлезен од четиридневната интердисциплинарна работилница „Слушна реакција на архитектурата“, под менторство на колективот „Лигна“ што го сочинуваат Оле Фрам и Торстен Михаелсен од Хамбург, во соработка на ФР~У/АКТО со Факултетот за драмски уметности – Скопје и со Архитектонскиот факултет – Скопје. Учесници во перформансот се студенти по режија на ФДУ, студенти по сликарство на ФЛУ, студенти на Архитектонскиот факултет.
На покривот на Градскиот трговски центар во 13:00 часот ќе биде изведен перформансот „Дисеминација насекаде!“ на колективот „Лигна“, чии членови, преку кореографски изразни средства, го користат радиото како инструмент за политизирање на јавниот простор.