На Институтот за славистика и балтичка филологија во Будимпешта, Унгарија, синоќа се одржа промоција на зборникот „За македонскиот јазик“ од Блаже Конески.
Ова значајно издание, со кое беше одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески, излезе во престижната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae slavicae)“ на Катедрата за славистика при Универзитетот ЕЛТЕ.
Книгата претставува избор од научни текстови од Конески кои се однесуваат на македонскиот јазик и неговата стандардизација, додадена е и статијата „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков и е илустрирана со пригодни фотографии. Изборот на текстовите го направи Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, а преводот на унгарски е на Анамарија Цинеге-Панзова.
Зборникот го промовираше проф. д-р Звонко Танески, познат македонист кој работи на Универзитетот „Комениус“ во Братислава.
Иницијатори за реализација на овој проект се Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Институтот за славистика и балтичка филологија, Будимпешта, и Здружението на Унгарци на Македонија – ТЕЛЕДОМ од Скопје, а изданието беше реализирано со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.