На сцената „Долни Сарај“ во Охрид денеска (5 јуни) во 20:30 часот свечено ќе биде отворено 60-тото, јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни игри и песни. На отворањето ќе се обратат: претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е покровител на Фестивалот; министерката за култура Ирена Стефоска; градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, како и директорот на Центарот за култура – Охрид, Тони Симоновски.
По протоколарниот дел, предвидени се настапи на Ансамблот „Македонија“ од Скопје и на Академското културно-уметничко друштво „Бранко Крсмановиќ“ од Белград, Србија.
Во Центарот за култура – Охрид денеска во 12 часот ќе биде промовирана и монографијата која излегува во печат по повод јубилејното издание на оваа најстара фолклорна манифестација на Балканот. Автор на монографијата „60 години Балкански фестивал на народни песни и игри“ е Милчо Јованоски, а промотор на изданието е Славко Упевче.
Во следните неколку денови пред публиката ќе се претстават домашни фолкорни друштва, но и ансамбли од Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија. Организаторите напомнуваат дека ако заврне, свеченото фестивалско отворање ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прилчев“ – Охрид.