Во летното кино на Кинотеката денеска, среда, 16 јуни, со почеток во 20.00 часот ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првиот македонски игран филм „Фросина“ на режисерот Војислав Нановиќ, од 1952 година.
Проекцијата на ФРОСИНА истовремено ќе биде пренесувана во живо („live streaming“), и ќе може да се следи на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (www.kinoteka.mk).
На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија, како и за самиот процес на дигитална реставрација.
Филмот „Фросина“ е прва целовечерна играна продукција целосно на македонски јазик, со македонска актерска и филмска екипа, и прв игран филм снимен во продукција на „Вардар филм – Скопје“, продуцентска куќа основана во 1947 година. Сценарио е на познатиот македонски писател Владо Малески, а улогите ги толкуваат Мери Бошкова, Петре Прличко, Ацо Јовановски, Љупка Џундева, Илија Џувалековски, Стојна Цекова и други. Снимател е Киро Билбиловски, а автор на музиката Тома Прошев. Ентериерите се снимени во прилагоден едриличарски хангар на Зајчев рид во Скопје, а екстериерите во Охрид и околината.
Минатиот петок Кинотеката ја претстави и дигитално реставрираната копија на првата македонски комедија – играниот „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1961 година.
Вечерашната проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“, во кој учествува и Кинотеката, со двата класика „Фросина“ и „Мирно лето“. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска.
Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – Association des cinémathèques européennes) – и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.
Инаку, Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Белград, Загреб, Атина, Тирана, Софија.