Во Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува претставата „Светулки“, по текст од Тена Штивичиќ, а во режија на Драгана Милошевски-Попова, која прв пат соработува со Прилепскиот театар. Премиерата е планирана за крајот на јуни.
Во претставата игра поголемиот дел од Ансамблот на Театарот. Драматурзи се Ивана Нелковска и Лидија Митоска-Ѓоргиовска, сценограф е Валентин Светозарев, а костимите се на Розе Трајчевска. Музиката ја изработува композиторката Ирена Топовиќ-Драговиќ од Србија. Ова е прв проект што го реализира Театарот поддржан од Министерството за култура за 2021 година.
Од Прилепскиот театар истакнуваат дека драмата „Светулки“ од хрватската авторка Тена Штивичиќ претставува предизвик за секоја театарска продукција.
„Современиот пристап во сценското прикажување на режисерката Драгана М. Попова филигрански ќе го надополнува дејствието давајќи му суптилност и леснотија во играта. Претставата треба да ја оствари таа интимна врска со публиката преку откривањето на навидум едноставните, секојдневни животи во контраст со тежината што тие ја содржат и ја носат со себе“, најавуваат од Прилепскиот театар.