На плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред Националната опера и балет, денеска (31 мај), со почеток во 20:30 часот, ќе биде изведена операта „Аида“ од Џузепе Верди. Од НОБ истакнуваат дека поради состојбата со пандемијата и придружните протоколи, грандиозната „Аида“ е конципирана во поинакво руво, во скратена концертна верзија, со мошне внимателен избор на оркестарски и солистички фрагменти.
Диригент е Бисера Чадловска, а режисер е Дејан Прошев. Настапуваат солистите: Благица Поп Томова, Зоран Сотиров, Даниела Дјакова од Бугарија, Игор Дурловски, Владимир Саздовски, Марјан Јованоски, Александра Лазаревска-Василевски, Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет. Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, одговорен за светло-дизајнот e Милчо Александров, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска. Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата КОВИД-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Задолжително е носење заштитна маска. Од НОБ додаваат дека во случај на лоши временски услови, можна е промена на датумот на изведба на операта.