Во Културно-информативниот центар денеска, четврток (20 мај 2021 г.), во 11 часот ќе биде отворена изложбата „По трагите на св. Кирил и Методиј“, а ќе се промовира и библиофилското издание на прогласот од Константин Филозоф – св. Кирил на старословенски, на словачки и на македонски јазик.
Настанот се организира по повод 30 години од осaмостојувањето на Република Северна Македонија и 100 години од раѓањето на основоположникот на современиот македонски јазик, Блаже Конески. Покровител е претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, а организатори се Владата на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Словачка во Република Северна Македонија.
На изложбата „По трагите на св. Кирил и Методиј“, освен богатата фотографска биографија на св. Кирил и Методиј изработена од Павол Демеш од Словачка, ќе бидат вклучени и 16 паноа на кои се претставени дигитални репродукции од значајни црковнословенски ракописи и старопечатени книги коишто денес се чуваат во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Ќе биде прикажан дел од историјата на кирилските ракописи и старопечатаните книги создавани во долг временски период, од 13 до 19 век.