По повод Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, во Музејот на Република Северна Македонија утре (18 мај), со почеток во 12 часот, ќе биде отворена изложбата „На Срем“. На изложбата ќе бидат претставени над 120 фотографии, селектирани од богатата фотодокументација зачувана во Музејот. Низ слики и текстови, изложбата го следи борбениот пат на македонските единици, офицери и борци, како и нивните премрежиња на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија и за победа над фашизмот, во последните месеци од Втората светска војна.
Автор на изложбата и на текстот за каталогот е м-р Здравко Стојкоски, кустос историчар во Музејот. Изложбата ќе може да се посети до 31 август 2021 година, со придржување кон протоколите воспоставени поради пандемијата со КОВИД-19.
Реализацијата на оваа изложба соодветствува и со темата на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на музеите: „Иднината на музеите – Опоравување и презамислување“. Кризата настаната со пандемијата ги поттикна музеите да изнаоѓаат нови форми на културни искуства, со значаен фокус на дигитализацијата и на промоцијата на музејските содржини на социјалните мрежи. Во таа насока е и реализирањето на оваа изложба. Имено, на 9 мај изложбата „На Срем“ беше поставена во дигитален формат, на новата електронска платформа на Музејот – www.izlozba.mk.