Од 5 мај започнуваат активностите поврзани со тековно одржување и систематски археолошки истажувања на две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичко време кај нас. Исто така, ќе почне и непосредната заштита/ конзервацијата на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти се предвидени во Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на музејска дејност и заштитата на недвижното културно наследство на министерството за култура, а ќе ги реализираат стручни екипи на ЈУ Музеј на град Скопје.
Под водство на д-р Марина Ончевска-Тодоровска – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум), кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта – римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.
Исто така, под водство на Ленче Јованова – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Villa urbana) и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од VI век.
Стручните екипи на Музејот на град Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години. Покрај тоа, ќе се преземаат активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот (физичко обезбедување и одржување на локалитетот Скупи), се одвиваат во текот на целата година.
Сиве овие активности се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на ЈУ Музеј на град Скопје (т. н. Археолошки парк Скупи). Проектите ќе се реализираат во периодот од 5 мај до 30 декември годинава.