На 31 март во 19 ч. Кинотеката ќе одржи омаж за Љупчо Тодорвски – Упа (2.5.1956 – 22.1.2021): актер, кастинг-директор, сценарист и продуцент. Во чест на прерано починатиот Упа, ќе бидат прикажани: минидокументарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа) и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа ја оствари својата дебитантска улога на филм.
Упа играл во триесетина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ-серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени. Тој е еден од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломирал актерство кај проф. Љубиша Георгиевски, а за време на студиите настапувал во Драмскиот театар во Скопје. По академијата, воден од творечкиот немир и можноста за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде што останува цели 10 години… Од 1997 год., освен со актерството, се занимава и со филмска и ТВ-продукција, пишува сценарија и работи како кастинг-директор (избор на актери)…