Националната галерија, во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“, го реализира интернационалниот проект под наслов „Допирот“, дел од „Ние сме тука: идни екологии“. Ова е втор меѓународен проект на Националната галерија на уметничката сцена за 2021 година, под кураторство на Ана Франговска.
„Идни екологии“ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот „Ние сме тука: програма за уметнички движечки слики“ развиена од Британскиот совет и „Лукс“ (LUX), агенција за уметност со седиште во Лондон, која ги поддржува и ги промовира практиките на уметнички движечки слики. Секоја од програмите е курирана околу темата за национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање.
Прва во низата активности што ќе го промовираат проектот е вебинарот „Екологија на мислата“, модериран и раководен од Ана Франговска, а на кој ќе учествуваат: Небојша Вилиќ, Ивана Васева, Славица Јанешлиева, ОПА, Велимир Жерновски, Кристина Пулејкова и Елпида Хаџи-Василева. Учесниците на „Екологија на мислата“, сите плодни уметници и куратори на локалната визуелна уметничка сцена, ќе се осврнат на различни еколошки и политички прашања чиишто процеси се во голема мера под влијание на начинот на кој човекот се однесува, експлоатира и ја уништува природата, брзо менувајќи ги условите за живот: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… и конечно, како и дали сето тоа се рефлектира или преточува во визуелниот јазик, како моќна алатка за подигнување на свеста. Вебинарот ќе се одржи на 4 март во 18:00 часот, на платформата Microsoft Teams, а сите заинтересирани се поканети да се пријават на формата за регистрација на следнава веб-врска: https://forms.office.com/Pages/ResponsePage.aspx?id=yl06Q73zbUyn-wzvIdegsb7djbo3x5VLmUu-ScB08FRUOU5FM0pYVEZTSTVGSzIyMzBRMlpNWDlKRi4u
Бројот на учесници е ограничен. Оние што нема да успеат да се пријават, може да ги следат профилите на Националната галерија на социјалните мрежи каде што ќе се објави снимка од конференцијата, како и најави за сите идни активности поврзани со овој проект.