- ПРЕДМЕТ
Предмет на финансиската поддршка на уметниците и на културните работници е еднократна исплата на финансиски средства за период од три месеци, во месечен нето-износ од: 14.500,00 денари, односно 18.000,00 денари, односно 21.500,00 денари, во согласност со висината на остварениот приход од член 2 став 3 алинеја 5 од Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници.
Под уметник, во смисла на овој јавен повик, се подразбира физичко лице што создава авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело, односно дело од народното творештво, независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн. Под уметник се подразбира и самостоен уметник.
Под културен работник, во смисла на овој јавен повик, се подразбира физичко лице кое врши стручни, научно-истражувачки, теориско-критички, едукативни, кураторски, продуцентски, уметничко-соработнички, менаџерски, специјалистичко-технички или организациски работи во областа на културата, независно од образованието, правниот статус, државјанството, друг вид припадност итн.
- ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на Јавниот повик имаат уметници и културни работници.
III. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО
Уметникот и културниот работник може да биде корисник на финансиска поддршка ако ги исполнува следниве услови:
- државјанин е на Република Северна Македонија,
- во последните три години има реализирано или учествувано во реализација на најмалку пет проекти од областа на културата,
- невработено лице според евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија,
- не е корисник на пензија според евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија,
- во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 80.000,00 денари, односно остварил приход во нето-износ до 60.000,00 денари, односно остварил приход во нето-износ до 40.000,00денари, од вршење уметнички или стручни работи во културата, според евиденцијата на Управата за јавни приходи.
- ДОКУМЕНТИ
За добивање финансиска поддршка, уметникот или културниот работник треба да ги достави следниве документи:
- Барање за добивање финансиска поддршка на уметници и на културни работници;
- Изјава за исполнетост на условите за добивање финансиска поддршка.
Барањето и Изјавата се дадени во Прилозите 1 и 2 од Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 297/20).
- НАЧИН И РОКОВИ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Образецот на Барањето, образецот на Изјавата и Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници со Прилозите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура на денот на објавување на овој јавен повик.
- Образецот на Барањето и образецот на Изјавата задолжително се преземаат од веб-страницата на Министерството за култура kultura.gov.mkи се пополнуваат во електронска форма со впишување податоци на означеното место и се доставуваат во електронска форма на електронската адреса info@kultura.gov.mk.
- Крајниот рок за доставување на барањата е 19.12.2020 година.
- Барањата кои не се доставени во рокот утврден во овој јавен повик, кои не се пополнети на образецот кој е составен дел од овој јавен повик и кои се нецелосно пополнети, односно во Изјавата не е наведена професија, односно својството на учество во реализацијата на проектот не е даден описот на проектот и не се наведени годините на реализација на проектот, нема да бидат разгледувани.
- ИЗВЕСТУВАЊЕ И НАЧИН НА ИСПЛАТА
За финансиската поддршка на уметниците и на културните работници ќе одлучува Комисија за финансиска поддршка составена од пет лица од редот на вработените во Министерството за култура. Комисијата, врз основа на исполнетоста на условите, како и врз основа на комплетноста на документацијата, ќе достави листа до министерот за култура. Министерот за култура, во рок утврден во член 3 од Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници, ќе донесе решенија за утврдување право на финансиска поддршка.
Исплатата на средствата ќе ја врши Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија врз основа на решенијата на министерот за културата, а во согласност со член 6 од Уредбата со законска сила за формирање на Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Covid-19 во рок утврден во членот 3 од Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници.
Барање за добивање финансиска поддршка на уметници и на културни работници
Изјава за исполнетост на условите за добивање финансиска поддршка
Службен весник на Република Северна Македонија