Во Националната опера и балет, денеска (9 декември), со почеток од 20 часот познатиот македонскиот тенор Благој Нацоски ќе одржи концерт насловен „Везилка“. Нацоски ќе биде придружуван од оркестарот „Профундис“, а диригент на концертот ќе биде Ѓурѓица Дашиќ.
На програмата се дела на македонските композитори „Ленка“ од Живко Фирфов, „Марика мома убава“ – омаж за П. И. Чајковски-Томислав Зографски, „Свита“ за гудачки оркестар од Стојан Стојков, „Молитва“ – Тодор Скаловски, -„Цветови“-Благој Цанев, „Денови“ на Александар Џамбазов, „Распеви“ за гудачки оркестар-Гоце Коларовски, „Галебе мој“ – Трајко Прокопиев, како и „Сон“ на Дино Имери напишана специјално за Благој Нацоски. Повеќето композиции се проткаени со стихови на македонските писатели Блаже Конески, Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Владо Малески.
Претходно, од 19 часот ќе биде отворена и изложба на акварелни портрети од живи македонски композитори. На изложбата, исто така насловена како „Везилка“, Снежана Мелник, уметник од Украина, ќе ги претстави ликовите на оние кои ја пишуваат македонската музичка историја во моментов.
Настанот е во рамки на 43. Денови на македонска музика, организиран од Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ и согласно здравствените протоколи за заштита од ковид-19. Влезот е слободен.