Согласно со член 4 од Законот за државните награди и Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди („Службен весник на РМ“ бр. 52/06 и 54/07), со наградата „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес.
Во една година можат да се доделат најмногу пет награди.
Државната награда ја доделува Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“, составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за доделување на наградата.
Конкурсот трае од 1 до 31 мај.
Државната награда се врачува во Собранието на РСМ на 11 октомври – Ден на востанието на македонскиот народ. Државната награда „11 Октомври“ за првпат е доделена во 1959 година.