Љутков  од Гевгелија: Градот на културата за 2025 година, широко ги отвори портите за нови културно – туристички доживувања

од admin_kult

„Гевгелија е град на културата за 2025 година – честитки до сите вас што го правите овој град жив, динамичен и културно богат“, рече министерот Љутков поздравувајќи го присутните на свеченото отворање на манифестацијата.

„Оваа манифестација не е само признание туку и можност да се поддржи локалната културна сцена, да се привлече нова публика, да се развие нова соработка и да се постави Гевгелија на мапата како културен центар кој зрачи со енергија и оригиналност. Тоа е покана – за нова уметност, за свежи идеи, за младинска енергија и за културен туризам што ќе го слави топлиот и автентичен дух на Гевгелија. Овде уметноста е таа што нѐ поврзува, туризмот ни го отвора градот кон светот, а младите, пак, се нашата иднина.  Затоа градот  што многумина го нарекуваат и „порта кон Европа“,   со својот потенцијал е и културна и туристичка порта кон нови можности. Затоа, да ја отвориме вратата за уметниците, да создадеме нови културни мостови, да го претвориме туризмот во доживување кое ќе раскажува приказни – преку музика, слики, зборови и движење“, рече Љутков.

Тој  додаде дека Гевгелија е  важен туристички центар кој културата ја вградува во туризмот, и туризмот во културата  на градот. Затоа, како што рече Љутков, Министерството за култура и туризам оваа година става посебен акцент не само на културното творештво, туку и на развојот на транзитниот и винскиот туризам, како клучни сегменти на локалниот туристички идентитет.

„Гевгелија, со својата стратешка позиција, може и мора да биде прва станица за сите што влегуваат во нашата земја – и прва можност да се почувствува нашата културна посебност преку гастрономијата, уметноста, виното и гостопримството. Затоа ќе поддржиме програми каде што културата и туризмот може да одат рака под рака – како модерна приказна со длабоки корени. Ќе ги поврземе локалните винарии со културни настани, ќе отвориме нови културно-туристички рути и ќе работиме на тоа транзитните патници да станат туристи, а туристите – амбасадори на нашата култура и културно богатство“, рече министерот.

Отворањето на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ на Градскиот плоштад беше проследено со концерт на Националниот џез оркестар, кој под диригентската палка на Џијан Емин, изведе незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Претходно пак во Уметничката галерија на НУ Музеј-Гевгелија беше отворена самостојната изложба на Aна Митевска, насловена „Приказни во тиркиз – Извор на животот“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе