Денеска во Кинотеката на Северна Македонија се одржа Jавна дебата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права.
На Дебатата присуствуваа претставници од организациите за колективното управување со авторското право и сродните права, од корисниците и нивните комори, од кабелските оператори, од Сојузот на слепите на РСМ и од НУБ „Свети Климент Охридски“.
Учесниците и претставниците од Секторот за авторското право и сродните права при Министерството за култура дискутираа за прашањата што се опфатени со измените на Законот, а кои се поврзани со три директиви на Европската Унија (Директивата за колективно управување со авторското право и сродните права и мултитериторијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет, Директивата за изменување на Директивата за времетраењето на заштитата на авторското право и сродните права, Директивата за дозволено користење на делата сираци).
Беа допрецизирани и одредбите за имплементација на Договорот од Маракеш за олеснување на пристапот до објавени дела за лицата кои се слепи, имаат оштетен вид или на друг начин се оневозможени да користат печатени материјали, со кој ќе се создадат услови за непречено остварување на авторското право и сродните права.
Јавната дебата придонесе за финализирање на предлог-текстот, со што ќе се даде придонес за изградба на систем за заштита на авторското право и сродните права во Република Северна Македонија, усогласен со законодавството и добрата практика на земјите членки на Европската Унија.