Шунтаро Таникава, поет од Јапонија, е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2022 година, а наградата „Мостови на Струга“ годинава ја доби италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
– Шунтаро Таникава е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува не само низ возбудливите води на јазикот, туку и во нивната креативна преобразба во музика, филм, слика или калиграфско писмо – се наведува во образложението на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата.

Како што посочи претседателката на Управниот одбор на Манифестацијата, Елизабета Шелева, при денешното прогласување на лауреатите во МАНУ, на чествувањето на Светскиот ден на поезијата, Таникава е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот, најпознатиот и најиновативен поет од Јапонија, но не само меѓу живите поети туку и пошироко, чиишто дела се преведени на многу јазици во светот. Таникава е автор на 80 поетски збирки, за кои има добиено многубројни книжевни признанија во Јапонија, но и во странство. Неговите дела се појавуваат не само во угледни книжевни списанија, туку и во училишните учебници, во медиумите и пошироко. Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, на филмски сценарија, тој е плоден есеист и преведувач, но и автор на литература за деца. Добитник е на низа престижни награди.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Шунтаро се заблагодари за почитта кон поезијата, и истакна верба дека таа ќе послужи како „гласник кој ги пренесува гласовите скриени во остареното тело“.
Наградата „Мостови на Струга“ годинава ја доби италијанскиот поет Џерардо Мазучо. Наградата е востановена во 2004 година, а годинава се доделува по 19-ти пат.
Мазучо е роден на југот од Италија, во 1991 година. Откако ги завршил класичните студии, во 2010 година се преселил во Милано каде што дипломирал авторски права, а потоа и издаваштво на Универзитетот во Бокони. Во 2020 г. ја основал и издавачката куќа „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција, поезија и белетристика.

– Мазучо е длабоко упатен во тајните на поетската вокација, а тоа најдобро се гледа токму од неговата поезија, која е спој на несомнена дарба и префинета вештина. Се добива чувство дека во неговите песни секој стих е токму на вистинското место. Иако е млад поет, неговата поезија е веќе дел од антологии, списанија, посебни веб-страници, некомерцијални памфлети – рече во своето обраќање членот на Управниот одбор на Манифестацијата, Владимир Мартиновски.
Првата книга на Мазучо, за која и ја добива наградата „Мостови на Струга“, е стихозбирката „Еден човек живеел тука“, со која стекнува критички и комерцијален успех не само на национално туку и на меѓународно ниво.