Драмскиот театар од 14 до 19 октомври е домаќин на десеттото издание на фестивалот „Рута група Триглав“.
Во текот на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да види шест репрезентативни и најнаградувани претстави на театрите од регионот.
Свеченото отворање ќе биде на 14 октомври со претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во режија на Ленка Удовички според антологискиот текст на Едвард Олби. Претставата е копродукција на театарот „Улисис“ и „Београдско драмско позориште“. „Београдско драмско позориште“ настапува на 15 октомври со претставата „Диво месо“, на режисерот Јагош Марковиќ, а по текст на Горан Стефановски. На третата фестивалска вечер публиката ќе има можност да ја проследи претставата на македонскиот режисер Александар Поповски. Тој своето читање на римскиот поет Овидиј ни го доловува во претставата „Хероини“ во изведба на „Месно гледалишче Љубљана“. На 17 октомври од Црна Гора доаѓа ансамблот на „Градско позориште Подгорица“ со претставата „Коњите убиваат, зар не?“. Режисер на претставата е Кокан Младеновиќ. Хит-комедијата „Мирна Босна“, во изведба на „Камерен театар 55“ од Сараево, е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Режисер на претставата е Саша Пешевски.
Свеченото затворање на фестивалот „Рута група Триглав“ е на 19 октомври со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмскиот театар од Скопје во режија на Зоја Бузалковска.