Чешка е земјата во фокусот во рамките на програмата на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе се одржува од 18 до 25 август во Скопје. Почесна гостинка на Фестивалот е познатата чешка документаристка Хелена Тшештикова, која ќе одржи и мастерклас на 20 август во „Европска куќа – Скопје“.
Програмата „Земја во фокус“ ќе се одвива со тематски наслов „Чешки филмски експеримент – два, нула, два, два“ и ќе опфати осум долгометражни и неколку кратки, анимирани и документарно-анимирани филмови, кои ќе ја претстават најновата чешка документаристичка сцена.
Програмата ќе почне на 19 август со проекција на филмот „Рене – затвореник на слободата“ (Чешка, 2021) на режисерката Хелена Тшештикова.
Програмата „Земја во фокус – Чешка“ е поддржана од Амбасадата на Република Чешка во Скопје, Чешкиот центар – Софија и Сивус – Групација „Арикома“.
Фестивалската програма на 13. „МакеДокс“ ќе се прикажува на четири локации – во Куршумли ан, на платото пред Куршумли ан, во Младинскиот културен центар и во „Европска куќа – Скопје“.