Во Битола вечер ќе започне 4. издание на фестивалот „Џез фактори“ чија програма ќе биде изведена во Битолскиот театар и во кафе-барот „Порта џез”. Фестивалот ќе го отворат Васил Хаџиманов, Мартин Ѓаконовски и Александар Секуловски.
„Оваа година доминира акустично издание на фестивалот и фокусот е на акустичното пијано“, најави во пресрет на вечерашното отворање организаторот на фестивалот, професор Сашо Поповски.
На фестивалот во Битола ќе настапат реномирани имиња од џез-сцената во регионот и во светот, а се предвидени 4 премиери на 4 албуми.
Програмата ќе продолжи утревечер со настапот на Пеѓа Милутиновиќ и квинтетот „Drumbooty“, а на третиот ден ќе настапат „Human touch“ и „Филип Динев трио“. Во рамките на програмата ќе се одржи хибридна конференција на која ќе зборуваат Винко Михајловиќ, директор на џез-фестивалот во Петровац; Драган Влајниќ директор на џез-фестивалот во Кикинда; Ема Попивода, пијанист и директор на фестивалот „Модоарс“; Бојан Стефковски, директор на фестивалот „Jazz Fortnight“; Арлет Ховинга, џез-преспромотер и медиумски директор на thatjazzgirl.me; Симон Петерман, музички директор и радиопрезентер; Роби Јамник, директор на фестивалот „Џез Равне“. За публиката во Битола ќе биде приредена и изложба чиј автор е фотографката Татјана Ранташа, а во „Порта џез“ со свој диџеј-сет ќе се претстави Јордан Николов. Фестивалот е поддржан од: Општина Битола, Министерството за култура и НУ Народен театар Битола.