Со проекција на филмот „Страста на Доден Буфан“ на режисерот Тран Ан Хунг, в петок (1 март) во киното „Милениум“ ќе биде отворено годинашното издание на „Празник на франкофонијата“ во Скопје. Програмата за активностите планирани од франкофонските земји и партнери во текот на март 2024 година со кои ќе се одбележи месецот на Франкофонијата во Северна Македонија ја претставија амбасадорите на Швајцарија и на Франција.
Во годинашната програма за „Празник на франкофонијата“ се предвидени концерти на истакнати музичари, недела на франкофонски филм, натпревар по изразно читање, изложбата „Париски рефлексии“ во Чифте амам и други настани. На 4 април во НУ Народен театар во Битола ќе има француска вечер на Џез-фестивалот во Битола со триото на Никола Гардел.
Ќе се одржи и второто издание на Парламентот на млади франкофони, што е организирано од Собранието на Северна Македонија.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006, а во неа се обединети 88 земји.
Чествувањето на „Празникот на франкофонијата“ е реализирано во пријателска соработка со амбасадите на државите членки на меѓународната организација на Франкофонијата: Франција, Швајцарија, Романија, Грција, Белгија, Бугарија и Албанија.