На 30 септември во преполната сала на Германскиот театар во градот Темишвар, Романија, во рамките на театарскиот фестивал „Еуроталиа“ гостуваше претставата „Елегија во пет здива“ во режија на Филип Петковски и копродукција на авторот и Театарот „Јордан Хаџи-Константинов- Џинот“ од Велес.
Како што информира Велешкиот театар, претставата беше во потесна селекција со уште други девет претстави кои беа изведени од страна на престижни театарски компании, како: „Ultima Vez“, „Rimini Protokoll“, „Burgtheater“ и „The New Riga Theatre“. Оттаму додаваат дека во претставата, која беше проследена со силни аплаузи и неколку повици за бис, учествуваа Васил Зафирчев, Наталија Теодосиева, Симона Димковска и Сара Цветковска, кои брилираа на сцената со танцови и актерски перформанси, проследени со музиката на: Дуке Бојаџиев, „Синтезис“, „ДахаБраха“, Бетовен и Чајковски.
Претставата е базирана на мотиви од стихови од поезијата на Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров, а трансформацијата на поезијата како уметничка форма која го користи јазикот за постигнување естетски квалитет и продлабочување на нејзината семантичка содржина, преточени во танцов перформанс, е главна задача на режисерот и на кореографот.
Во претставата се прикажани пет перформанси (пет здива) кои имаат цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку мултидисциплинарен пристап на подготовка и изведба преку комбинација на повеќе медиуми на сценско изразување, како: танц, нарација и физички театар. Фестивалот е во рамките на уметничката програма на „Темишвар – Европска престолнина на културата за 2023 година“, а токму македонските изведувачи ја имаа честа да го затворат фестивалот и да презентираат нов и современ пристап на театарско изразување кој совршено се вклопи во уметничката програма.