Со учество на 12 македонски поетеси, поети и писатели од сите генерации, од денеска до 7 мај во Софија ќе се одржи 13. издание на Македонската книжевна визита во Софија. Целта на манифестацијата е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и вмрежување и соработка меѓу македонските и бугарските поети и издавачи.
Годинашната Македонска книжевна визита во Софија ќе почне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, реномиран преведувач и универзитетски професор, д-р Зоран Анчевски, за чие поетско творештво ќе говори македонскиот поет и универзитетски професор, д-р Владимир Мартиновски. На настанот ќе бидат презентирани стихови од Анчевски на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа ќе има и претседателката на Бугарскиот ПЕН-центар, Здравка Евтимова.
Во рамките на манифестацијата ќе се одржи и бугарско-македонски поетски митинг на кој ќе учествуваат 12 македонски и бугарски поетеси, а ќе биде промовирано и специјалното антологиско издание на „Макавеј“ – панорамата на современи бугарски поетеси со наслов „Лирските музи на Бугарија“. Промотори на изданието се македонскиот поет и литературен критичар Бранко Цветкоски и бугарската поетеса Роза Бојанова.
Наградата „Македонски книжевен Дедал“ ќе му биде доделена на бугарскиот автор и преведувач Марјан Петров, за неговиот придонес во афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката и на книжевните врски меѓу писателите од двете земји. Петров во својот опус има близу дваесетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик.
Во рамките на Тринаесеттата македонска книжевна визита во Софија ќе биде промовирана и книгата „Создавање“ од познатиот македонски дипломат, општественик и писател Марјан Ѓорчев, која неодамна е објавена и на бугарски јазик, а учесниците ќе ја посетат и Спомен-куќата на Пејо Јаворов.
Организатор на оваа веќе традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со македонскиот Културно-информативен центар во Софија и со поддршка од македонското Министерство за култура.