– Со голем број концерти кои се дел од неколку различни концепти – од изворни фолклорни творби до современи етнофузии – и во ова време-невреме, како и низ целиот период од 73 години од своето постоење, „Танец“ ќе се обиде да остави длабок печат на оваа временска отсечка од македонското културно битисување – информираат од Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, најавувајќи ја богатата домашна и меѓународна концертна сезона „Печат на времето“.
На 10 март Ансамблот ќе ја започне новата сезона во Делчево, во чест на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, со концептот наречен „Изворни минијатури“, кој ќе ја следи целата пролетна концертна серија низ државава. Потоа следуваат гостувањата низ другите градови, практика што „Танец“ ја одржува во соработка со центрите за култура, а тоа годинава се концертите во: Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Скопје, Кичево и Тетово.
На 19 април „Танец“ ќе го одржи традиционалниот Велигденски концерт во големата сала на Националната опера и балет, а по периодот на интензивни подготовки, нашиот амбасадор на македонската фолклорна традиција од 8 до 23 мај ќе замине на северноамериканска турнеја и ќе одржи осум концерти во престижни концертни сали во Канада и во САД – Монтреал, Отава, Торонто, Детроит, Чикаго, Кливленд, Питсбург и Њујорк.
– По враќањето од Америка, во периодот од 13 до 18 јуни за првпат ќе се одржи „Летната академија ТАНЕЦ“, која е замислена како нов едукативен проект на институцијата во чии рамки во иднина сите заинтересирани љубители на македонскиот фолклор, но и сите идни професионалци од областа, ќе имаат можност низ еднонеделна интензивна теориска и практична настава што ќе ја изведуваат врвни експери од редот на вработените, но и надворешни соработници од областа на етномузикологијата, да навлезат поблизу во уникатниот репертоар на Ансамблот – информираат од „Танец“.
Следуваат настапи на фестивалот „Лент“ во Марибор, Словенија, на фестивалот „Скопско лето“, како и три заеднички концерти со хрватскиот национален ансамбл „Ладо“ во Славонски Брод, Сплит и Загвозд, Хрватска. Во текот на летниот период, „Танец“, со својот атрактивен проект заедно со Влатко Стефановски, ќе настапи на сцената на Хераклеја и на Долни Сарај.
Од Ансамблот за народни игри и песни, меѓу другите настапи, го најавуваат и големиот музичко-сценски спектакл „Фолклорна симбиоза“, заеднички проект на две национални установи – „Танец“ и Националната опера и балет – во кој се очекува вклученост на повеќе од 200 уметници.