Министерката за култура Ирена Стефоска денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на ЕУ во нашата земја, неговата екселенција Дејвид Гир.
На средбата Стефоска изрази благодарност за поддршката која што Министерството за култура ја има од ЕУ, во насока на спроведувањето на актуелните политики на Европската Унија и евроинтеграциските процеси во кои културната соработка се повеќе се потврдува како суштински механизам во градењето на заедничкиот европски простор.
Делегацијата на ЕУ изрази поддршка на политиките на Министерството за култура и приоритетите во програмата, особено поздравувајќи ја поддршката за стимулирање на младите во сферата на културата. Во разговорот беше посветено особено внимание на заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и на значењето на меѓуграничната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, чии актевности се реализираат преку Меѓудржавниот Комитет за управување со сливот на Охридското Езеро.