Со отворањето на изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“, вечер во КСП Центар – Јадро почнува деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“. На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат.
Од „КРИК 09“, кој годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“, информираат дека утревечер (27 април) во 18:30 ч. е предвидено и ексклузивно водење низ изложбата со Петар Милат од Мултимедијалниот институт – Загреб.
Изложбата ќе биде отворена до 9 мај, кога со почеток во 19:30 часот ќе се одржи промоција на четири книги од Дубравка Угрешиќ, проследена со разговор.
Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) е авторка на книгите: „Поза за проза“, „Штефица Цек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот река“, „Музеј на безусловното предавство“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Никој нема дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Живееше и работеше во Амстердам.
Изложбата е во организација и партнерство меѓу загрепскиот Мултимедијален институт и Контрапункт/Крик – фестивал за критичка култура. Се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“, кофинансиран од средства на Европската Унија – Креативна Европа.