Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ вечер во 20 часот ќе се одржи концертот „Слобода“ со кој Оркестарот на Филхармонијата ќе го заокружи официјалниот дел од програмата на концертната сезона „Филхармонија во движење“.
За првпат ќе биде изведено грандиозното вокално-инструментално дело „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн под диригентската палка на маестралниот Бенџамин Шварц (Израел/САД). Во изведбата ќе учествуваат Камерниот и Симфонискиот оркестар на Филхармонијата, Хорот на Софиската филхармонија, Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и солистите Весна Ѓиновска-Илкова, Стеван Каранац (Србија) и Горан Начевски.