Реномираниот македонски пијанист Симон Трпчески со пријателите вечер на платото пред Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, премиерно ќе го реализира интернационалниот музички проект „Македонисимо“.
Станува збор за проект во чии рамки на оригинален начин е обработена македонската народна музика од страна на композиторот Панде Шахов.
Тимот на квинтетот „Македонисимо“ го сочинуваат и: Александар Краповски на виолина; Александар Сомов на виолончело; Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал; а зад удиралките е Влатко Нушев.
Проектот, кој светската премиера ја имаше пред пет години на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија, по Скопје, предвидено е да биде изведен и во Штип на 25 септември и во Битола на 26 септември.
Сите три изведби, публиката ќе може да ги проследи бесплатно.