Во фоајето на НУ ЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово денеска, 10 ноември, со почеток во 18:00 часот ќе се одржи Ревија на носии од Горновардарската етнографска целина.
На Ревијата, која се реализира во соработка со Ансамблот „Македонија“, публиката ќе може да ги види празничните носии што се носеле за време на свечените пригоди.
Во науката се прифатени типологизацијата и класификацијата на професор Ѓорѓи Здравев, според кои, традиционалните носии во земјава се поделени на два типа, и тоа на западномакедонски и на источномакедонски тип. Тие понатаму се поделени во неколку вариетети. Традиционалните носии во сите етнички предели во Горновардарската етнографска целина, според типологизацијата и класификацијата на Ѓорѓи Здравев, припаѓаат на западномакедонскиот тип носии.
Проектот е дел од годишната програма на Центарот за култура, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура.