Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес го објави традиционалниот Меѓународен конкурс за стрип. Овој конкурс е составен дел од активностите од традиционалниот 21. Меѓународен стрип-салон „Велес 2024“, финансиран од Министерството за култура и од Општина Велес.
Според пропозициите, право на учество имаат сите автори од целиот свет, без разлика на полот и возраста, а темата на стрипот е слободна. Секој автор може да учествува со само еден стрип. Исклучок има за сценаристите, при што се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.
Стриповите од македонски автори е пожелно да бидат на македонски јазик и кирилско писмо. Рокот за испраќање е до 1.8.2024 година.
Повеќе информации за конкурсот може да се добијат во Стрип-центарот на Македонија, на следнава е-адреса: stripkonkurs@gmail.com.