На отворањето на новата концертна сезона на Филхармонијата, „Дамар на слободата“, ќе биде промовирано и новото ЦД „Филхармонија во срцето“ што го издаде „Con:tempo“ во соработка со Филхармонијата на РСМ.
Албумот е снимка од истоимениот концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата, кој го водеше диригентката Дијана Имери Илкоска, а како солисти настапија Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). На албумот може да се слушне изведбата на дела од Антон Аренски, Антонин Дворжак и од македонскиот композитор Томислав Зографски.
– Исклучително сум среќна што токму овој концерт се најде на цедето бидејќи станува збор за изведба во живо – вели Дијана Имери Илкоска, диригентката која го водеше концертот „Филхармонија во срцето“.